Некои нови „деца“ треба да блеснат во Виена

Македонската репрезентација веќе е во Виена, каде утре ќе почне со настап во групата Б од Европското Првенство. Подмладувањето е процес што се уште е во тек во нашиот национален тим, Талески и Кузмановски веќе имаат и премногу големи натпреварувања во репрезентативниот дрес за да се окарактеризираат како „млади“, а селекторот Брестовац во изминатиот период во неколку наврати потенцираше дека е неопходно да се состави поширока база, играчи кои нема да имаат само епизодна улога, туку ќе бидат способни да помогнат кога тоа ќе се побара од нив.

МАРКО МИШЕВСКИ

Поранешниот ракометар на Вардар летово се пресели во Гренобл, па иако станува збор за француски нисколигаш, Мишевски сепак забележа огромен напредок во играта. Тој делуваше импресивно и против Грузија, како и на турнирот во Романија, каде заработи незгодна повреда. Сепак, „фит“ е за стартот на ЕП, а во ситуација кога Велко Маркоски е во аут, за очекување е Мишевски да добие можност да се наметне како нов командант на одбраната во националниот тим.

МАРИО ТАНКОСКИ

Бекот на Металург беше дел од репрезентацијата и на претходниот светски шампионат, но не доби преголема минутажа од селектор Раул Гонзалес. Брестовац имаше можност да соработува со Танкоски и во Металург, па новиот кормилар покажува поголема доверба во 21-годишниот бек.

Тој одигра сосема солидно во подготовките, а во ситуација кога Брестовац изјави дека се сомнева во компатабилноста на Талески и Кузмановски, токму Танкоски би можел да биде играчот со кого бековската линија ќе добие на дополнителен квалитет.

МАРТИН СЕРАФИМОВ

Серафимов уште пред неколку години го носи со себе товарот со дадениот епитет „Новиот Лазаров“. Се уште е далеку од нивото на капитенот, но младиот десен бек со секој нов репрезентативен настап добива се поголемо искуство што ќе му служи во кариерата. Можноста да мине уште едно големо натпреварување крај Лазаров сигурно е голем плус, иако е јасно дека нема да има преголема минутажа на овој шампионат.

Се вчитува...