Некој нов Еурофарм Пелистер: По загубената титула, следи голем „ремонт“ во Битола

Еурофарм Пелистер во драматичното дерби во Битола остана без титулата во македонскиот шампионат, со што уште покомпликуван делува „ремонтот“ што управата мора да го направи во текот на летово, во кој ќе се промени речиси целиот играчки кадар на битолчани. Во изминатите месеци голем дел од актуелните клучни играчи во тимот си обезбедија трансфери во други клубови, по што стана јасно дека битолските „фармацевти“ ќе мора да направат сериозни промени за да останат конкурентни на домашната и на европската сцена.

Жељко Бабиќ според битолската јавност е главниот виновник за поразот од Вардар, па хрватскиот стратег со овој неуспех си ги сведе на теорија шансите за останување на чело на „пелистерци“. Впрочем, во тој правец одат и промените на играчкиот кадар, со оглед на заминувањето на голем дел од екс-ју играчите што токму Бабиќ ги доведе. Како што стојат работите, многу веројатно е дека Хрватот ќе се врати во татковината, единствената дилема е дали како тренер на Загреб или пак ќе се проба во женскиот ракомет, од каде има понуда од раководството на Подравка.

Главниот удар „пелистерци“ го претрпеа од Татабања, унгарскиот тим што го совладаа лесно во Битола во Лигата на Европа, но кој им се одмазди со потпис на четири важни ракометари. Така, уште пред неколку месеци стана јасно дека главниот плејмејкер Периќ, првиот голман Секељи, заедно со Немања Обрадовиќ и со Матео Мараш си заминуваат од клубот од „градот на конзулите“.

Кубанецот Табоада веќе си најде нов клуб во Данска, додека хрватското крило Божиќ – Павлетиќ ќе игра во втората француска лига, во дресот на Трембле. Стипе Мандалиниќ дојде во Еурофарм Пелистер како најголема ѕвезда и најзвучно засилување, „бомбардерот“ имаше добри партии, но општ впечаток е дека потфрлаше кога беше најважно, па тој дефинитивно се наоѓа на излезна врата од клубот. Дека има понуди од други земји се пофали и пивотот Граџан, а многу извесно е и заминувањето на црногорскиот репрезентативец Радовиќ, кој е миленик на навивачите и еден од ретките што добија аплаузи од битолската публика по поразот од Вардар.

Ова практично значи дека сите странски ракометари кои сезонава се дел од Еурофарм Пелистер во текот на летово ќе го напуштат клубот. И не само тие, туку ќе си заминат и дел од домашните играчи, па така Никола Маркоски е многу блиску до потпис со новиот суперлигаш Алкалоид, а на излезна врата е и искусниот Гоце Ојлески, чиј договор истекува на крајот од сезонава и кој според квалитетите ќе нема проблем да најде нов клуб во Супер-лигата.

Битолчани беа активни и на доведувањето на нови ракометари, па така на местото на Секељи за прв голман беше доведен голманот Лесјак. Тунижанецот Хосни ќе биде нов десен бек на местото на Мараш, а не се исклучува опцијата за доведување на уште еден ракометар на истата позиција, со оглед на повредата и долгата пауза на Мартин Велковски.

Русинот Денис Василев беше изборот за засилување на пивотменската позиција, додека од странски засилувања доведени се уште и Португалецот Дејвис и Французинот Сери. Веќе е договорена и преселбата на најмалку двајца ракометари од Еурофарм Пелистер 2, перспективните Павле Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски, а не се исклучува можноста и бројот на млади играчи од „двојката“ во првиот тим дополнително да се зголеми.

Од управата најавуваат дека Еурофарм Пелистер повторно ќе има силен тим со кој ќе атакува на висок пласман, но јасно е дека ако дојде и нов тренер, со толку многу нови играчи, ќе биде потребно и подолго време за адаптација и создавање на нова „победничка машинерија“, каква што битолчани имаа во голем дел од оваа сезона.

Ова дефинитивно ќе биде долго лето за „пелистерци“, кои уште долго ќе жалат за пропуштената шанса за освојување на шампионската титула.

Се вчитува...