Некој нов Вардар – Македонскиот шампион во Норвешка ја почнува новата „авантура“ во елитата

Македонскиот ракометен шампион Вардар со гостувањето кај Елверум денеска ја почнува новата „авантура“ во Лигата на шампионите. Еден нов тим во кој од шампионските денови се останати само неколку играчи има за задача да го врати сјајот на скопската гордост. Анте Кудуз поради проблем со зглобот нема да биде дел од екипата на Вардар, а во Скопје останува и Едуардо Гурбиндо, кој е пред преселба во Динамо Букурешт.

Веселин Вујовиќ за мечот со Елверум ќе може да смета на браќата Оливие и Кевињ Њокас, кои го официјализираа трансферот од редовите на Металург.

„Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Неиграњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добро првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка“, изјави Вујовиќ.

Крилото на „црвено-црните“, српскиот репрезентативец Дарко Ѓукиќ очекува тежок натпревар бидејќи противниците играат многу брз ракомет.

„Очекуваме тежок натпревар. Тие имаат млада екипа. И лани беше заедно со Вардар во иста група. Најсилна страна на Елверум е нивниот брз центар и нападот. Играат брзо, шутираат многу. Верувам дека ќе освоиме бодови. Се подготвуваме долго. И се надевам во Скопје ќе се вратиме со бодови“, изјави Ѓукиќ.

Натпреварот меѓу Елверум и Вардар е со почеток во 18.45 часот.  

Се вчитува...