Некоја нова Македонија: Светскиот шампион Данска е на колена по првото полувреме (17-13)

Некоја нова Македонија, компарирано со онаа жалната од Светското првенство во Египет, сега под водство на новиот македонски селектор Кирил Лазаров игра против Данска во квалификациите за ЕП 2022. Македонската селекција има предност од 17-13 на полувремето во СЦ Борис Трајковски против актуелниот светски шампион.

Повеќе од позитивен почеток на македонската репрезентација која во петтата минута имаше предност од 4-2. Одличен во нападот беше Филип Талевски кој реализираше два гола со шут од далечина, на голот две одбрани имаше Митревски.

Во продолжение во игра гол за гол, во 11. минута со голот на Пешевски македонската селекција дојде до предност од 6-4, а потоа со голот на Манасков и до 7-5. Но, во 15. минута Данците израмнуваат на 7-7. Сепак, во игра влегува и селекторот Кире Лазаров кој најпрво извонредно асистира за гол на Талевски, а потоа и самиот погодува од девет метри за 9-7.


И во 20. минута Македонија дојде до најголемата предност до тој момент, три гола разлика, 11-8 со голот на Пешевски. Во следниот напад Митревски дојде до шестата одбрана а на спротивната страна Филип Талевски со прекрасен лоб-удар носи 12-8.

Одлични потоа и последни минути од првото полувреме во кое, гол низ гол, се стигна до 17-13 на полувремето.

Феноменален на голот е Никола Митревски кој има девет одбрани по првото полувреме, а Филип Талевски е со четири погодоци по првите 30 минути.

Се вчитува...