Некоја нова НБА – „Дизниленд“ за „магична“ сезона, во не така „магични“ времиња

НБА лигата вечерва ќе го има својот рестарт, откако на средината на март месец беше прекината поради пандемијата од коронавирусот. Центарот на Јута Џез, Руди Гобер беше првиот кошаркар позитивен на Ковид-19, по што комесарот на лигата Адам Силвер веднаш одлучи се да се прекине.

Единствена позитивна работа од вака долга пауза која што не се памети во најсилната кошаркаска лига во светот е што сите тимови ќе може да сметаат на своите најдобри кошаркари кои пред паузата поради повреда не можеа тренерите да сметаат на нив.

ЛА КЛИПЕРС 

За првпат во историјата Клиперс влегуваат како први фаворити за освојување на шампионскиот прстен. Секогаш вториот тим во ЛА заврши одлична работа во „оф сезоната“ кога во своите редови ги донесе минатогодишниот МВП од финалната серија, Кавај Ленард и Пол Џорџ. Одличната клупа на која тренерот меѓу другите ги има и Лу Вилијам и Монтрезл Херел (кошаркари кои просечно бележат по 19 поени) само им ги зголемува шансите да стигнат до историскиот прв трофеј.

ЛА ЛЕЈКЕРС 

Леброн Џејмс ќе се обиде со трет тим во кариерата да стигне до прстенот и конечно да донесе радост на фановите на „златно-виолетова“ боја по трагедиите кои што им се случуваа изминатата деценија. Лејкерс последниот трофеј го освоија во 2010 кога беа предводени од Коби Брајант, кој годинава во јануари трагично го загуби живото во хеликоптерска несреќа. Џејмс, Дејвис и останатите имаат мотив повеќе конечно да донесат среќа кај навивачите за кои што годинава досега не донесе ништо позитивно.

МИЛВОКИ БАКС 

Милвоки кои се предводени од минатогодишниот МВП, Јанис Адетокумбо, кој најверојатно и годинава ќе се закити со истото признание. Младоста и неискуството на главните ѕвезди е единственото нешто што тимот со најдобар скор во досегашниот дел од сезоната го става на третата позиција на фаворити за освојување на шампионатот.

ХЈУСТОН, ДАЛАС, ДЕНВЕР 

Хјустон, Далас и Денвер се три тима кои што се наоѓаат веднаш зад двоецот од ЛА во трка за освојување на западната конференција. И додека цел свет очекува ЛА финале на западот кое се најавува и како финале пред финалето, овие три тима не смеат во ниту еден момент да бидат отпишани. Многу лесно може да се случи Лејкерс или Клиперс да се слизнат против еден од трите тима кои што пред се играат неверојатно атрактивна напаѓачка кошарка и сите надежи за прстен да ги загубат уште на самиот старт од плеј-офот.

ФИЛАДЕЛФИЈА, БОСТОН, ТОРОНТО 

За разлика од западот, на истокот иако Милвоки ќе биде фаворит, има три тима кои што се многу блиску до нив, со што ја прави оваа конференција далеку понеизвесна. Типичен пример е минатата сезона кога токму истите четири тима, играа во полуфиналето, а гледавме неверојатни серии, во кои Торонто со кош на Кавај Ленард со звукот на сирената во одлучувачкиот седми натпревар против Филаделфија, успеа Репторс да ги однесе чекор понатаму, а на крајот како што се покажа и до првиот шампионски трофеј.

„Дизни“ досега беше создавач на неверојатни бајки во кои што уживаат сите деца на светов. Сега е време за нова, различна, но не помалку магична… Во овие за жал, не така магични времиња за човештвото.

Се вчитува...