Екс голманот на Вардар, Тетекс и Шкендија, и сегашен на албанскиот тим Скендербег Беким Реџепи е „мета“ на водечките албански клубови, како и на неколку тима од Турција.
Реџепи го сврте вниманието кон себе со одличните одбрани, особено минатата сезона кога беше најзаслужен за опстанокот на Скендербег, и покрај тоа што сите веќе го „отпишаа“. Но Реџепи со неколку интервенции носеше бодови, и на крајот Скендербег опстана. Ситуацијата не се промени и оваа сезона. Тимот од Корча и сега се бори за опстанок, а Реџепи и натаму стандарно го чува голот, и е во одлична форма.
Токму поради тоа има понуди од водечките албански клубови Тирана и Кукс, а исто така има интерес и од неколку турски клубови, главно од втората лига.
Реџепи во минатото беше дел од младинскиот тим на Вардар, а потоа замина во Тетекс, па во Шкендија каде бранеше на неколку меча. Во потрага по минутажа, Шкендија го испрати на позајмица во Албанија. Актуелната позајмица од Шкендија истекува на крајот од сезоната, а потоа тетовскиот тим ќе одлучи за неговата иднина. Неговиот договор со тетовските „црвено-црни“ е до 2023 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА