МЗТ во небрано: Нема пари, нема ни Американци?!

МЗТ Скопје последните две средби ги одигра без помошта на Лестер Медфорд и Џејмс Вудард, при што забележа убедлива победа над Куманово и претрпе пораз од Гостивар.

И додека аеродромци објаснуваат дека станува збор за „тактика“ и одмор пред клучните плејоф-пресметки, подеднакво гласни се информациите дека станува збор за беспарица во редовите на „сино-белите“. Јавна тајна во мак-баскетот е дека туристичка агенција ја има блокирано сметката на вицешампионот поради која клубот не можеше да го подмири ниту долгот кон федерацијата, па мораше да поднесува банкарски гаранции од приватни фирми.

Ситуацијата е далеку од посакуваната, платите доцнат веќе извесно време, а Американците не ги одликува ниту трпение ниту сентименталност – кога нема пари, нема ни појавување на терен.

А дека има беспарица, доказ е и немањето дрес за Лука Стојановски, кој на дербито со Работнички играше во опрема на Маслинко, додека во Гостивар се појави со „тројката“ на Вудард на грбот.

Стојановски е талентиран кошаркар што има настапувано и во Италија, младински репрезентативец на Македонија, да нема соодветна опрема со свој број и име од стартот на сезоната – во клубот со најголем буџет во мак-баскетот… тоа е во најмала рака несериозно.

Едно е јасно, управата ќе мора час поскоро да реагира и да најде излез од незгодната ситуација, бидејќи отсуството на двајцата Американци ќе значи и губење на фаворитската улога во плејофот. А по загубениот трофеј во Купот на Македонија и невлегувањето во АБА1, тоа би значело тотално фијаско.

Се вчитува...