Нема помирување: Нејмар го одби „пактот“, ПСЖ постави краен рок за трансфер

Пропадна и последниот обид за помирување меѓу Нејмар и раководството на ПСЖ, откако „светците“ му понудија „пакт“ на својот голгетер, тој да остане уште една година во Париз, а потоа за помала отштета да си замине од „Паркот на принцовите“. Директорот Леонардо се надеваше на позитивен исход, но одговорот од Бразилецот бил категорично негативен, со што Нејмар само уште еднаш го повторил својот став дека е решен летово да ги промени клупските бои.

Информацијата прв ја објави весникот „Л’Екип“, повикувајќи се на извори од клубот. Нејмар порачал дека нема намера да игра за ПСЖ додека трае преодниот рок, за што речиси сигурно ќе биде казнет од клубот. Од друга страна, францускиот првак поставил краен рок до кој очекува да се финишираат преговорите за транферот на голгетерот во Барселона. Тоа е 10 август, датум по кој францускиот клуб повеќе нема да преговара со каталонците.

Ова значи дека за да се дојде до конечен договор има само уште десет дена, се чини премалку со оглед на далечината во ставовите на клубовите. „Светците“ се подготвени да го продадат Нејмар за 180 милиони евра, но инсистираат на целосна парична исплата. Барса досега ги понуди Ракитиќ и Кутињо како дел од понудите, но веднаш добиваше негативен одговор. Доколку не биде најден заеднички јазик, Нејмар дефинитивно ќе биде во „небрано“.

Се вчитува...