Нема Серија А за Николов и за Лече, елиминација во полуфиналето од Венеција

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов не успеа со Лече да изборат финале во баражот за влез во Серија А, откако во полуфиналната реванш бараж-пресметка одиграа само 1-1 на домашен терен со тимот на Венеција.

По поразот на првиот полуфинален дуел од 1-0 во Венеција, Лече ги заврши обидите за влез во Серија А следната сезона.

Гостите поведоа со голот на Араму во 45. минута, а Лече единствено успеа да го израмни резултатот со погодокот на Петинари во 66. минута. Марко Манкозу во 80. минута не реализираше пенал за домашните.

Бобан Николов го одигра првото полувреме за Лече. На полувремето беше заменет токму од Манкозу. Македонскиот репрезентативец со ова ги заврши активностите сезонава во Италија, па на 25. мај ќе биде на располагање на селекторот Игор Ангеловски од стартот на подготовките за настапот на ЕВРО 2020.

Се вчитува...