Нема шега со Интер, настрада и Милан

Интер уште еднаш потврди зошто со огромни амбиции влезе во новата сезона откако „нероаѕурите“ вечерва го совладаа Милан во градското дерби на „Сан Сиро“ (0-2), останувајќи на првото место на табелата. Избраниците на Антонио Конте одиграа подобар натпревар од градските ривали, создадоа повеќе шанси, а до победата стигнаа благодарение на головите на Брозовиќ и на Лукаку постигнати во второто полувреме.

„Нероаѕурите“ беа подобар тим и во првиот дел, кога Донарума го спаси Милан со неколку добри интервенции, а беше поништен и еден гол на Интер со ВАР-технологија.

Вториот дел донесе слични случувања на теренот, со таа разлика што Интер овојпат ги користеше своите шанси. Конте и неговите избраници имаа и многу среќа при првиот гол, откако ударот на Брозовиќ го закачи Леао и го измами голманот Донарума.

Интер не само што го задржа, туку и го зголеми водството откако Лукаку со прецизен удар со глава го матираше домашниот голман, ставајќи печат на големата победа. Триумфот можеше да биде и уште поубедлив, но Донарума имаше многу среќа откако ударот на Кандрева заврши само во десниот дирек од неговиот гол.

Се вчитува...