Нема шега со МЗТ Скопје во АБА2 – од „минус десет“ до триумф над Хелиос

МЗТ Скопје е осамен на второто место во АБА2 лигата откако македонскиот првак славеше над Хелиос со резултат 94-88 на првиот дуел што аеродромци го одиграа на турнирот во Сараево. „Металците“ покажаа квалитет и карактер, враќајќи се од двоцифрена негатива во второто полувреме, потврдувајќи ги амбициите за камбек во елитата на регионалното кошаркарско натпреварување. Адем Мекиќ беше клучен фактор во големиот камбек, откако македонскиот репрезентативец погоди шест тројки во второто полувреме од натпреварот.

Натпреварот почна слабо за македонскиот претставник, кој по само неколку минути игра се најде во негатива од 2-8, по што тренерот Радуловиќ беше принуден да побара тајмаут. MЗТ за момент се консолидираше, намали на 9-12, на две минути до крајот на четвртината резултатот гласеше минимални 13-15 за Хелиос, но Словенците подобро го финишираа овој дел од мечот, зголемувајќи на 19-24. Серијата на Хелиос продолжи и на самиот старт од вториот период, во кој оваа екипа експресно направи серија од 5-0 и стигна до првото двоцифрено водство на средбата (19-29).

Рикиќ и Дамјан Стојановски за момент го запреа налетот на противничкиот состав, но Хелиос набрзо се консолидираше, рутински одржувајќи ја солидната предност. На минута и половина до крајот на полувремето противничкиот стратег побара тајмаут, МЗТ до крајот на четвртината не постигна ниту еден поен, а Хелиос ја врати предноста на убедливи „плус десет“ (35-45).

Словенците на самиот почеток од третата четвртина стигнаа до најубедливи „плус дванаесет“ (35-47), но Мекиќ и Вер со прецизни удари од далечина го вратија МЗТ во игра. Кошаркарите на Хелиос ја загубија прецизноста при обидите од далечина, што му овозможи на МЗТ Скопје целосно да се врати во мечот. При резултат 58-60 Робев промаши тројка со која можеше да донесе водство, по што во последните десет минути се влезе со водство на Хелиос од 61-64, по четвртата тројка што Мекиќ ја погоди во оваа трета четвртина.

Вер со тројка ја отвори последната четвртина и донесе израмнување од 64-64, а Американецот беше прецизен и триесетина секунди подоцна, погодувајќи за 66-64 и прво водство на МЗТ Скопје на натпреварот. Шоуто на Вер продолжи и во 32. минута, кога плејмејкерот на МЗТ со нова тројка зголеми на убедливи 71-64 за македонскиот првак, за на него да се надоврзе и Мекиќ,со својата петта тројка во полувремето, од десетина метри за водство од 75-66.

Хелиос не се предаде, гостите се приближија на 78-75, но Мекиќ погоди уште една тројка, враќајќи ја позитивата на одлични „плус шест“ на две минути до крајот. „Металците“ стигнаа и до најубедливи 85-75 пред противничкиот тренер да побара тајмаут на нешто повеќе од минута до крајот, по што избраниците на тренерот Радуловиќ и покрај погодените тројки на Хелиос рутински го приведоа мечот до крај и конечните 94-88.

Покрај одличниот Мекиќ и неговите 20 поени (надополнети со девет скока, три асистенции и една украдена топка), извонредна игра во денешниот триумф прикажаа и Американецот Дастин Вер (23 поени и 13 асистенции) и центарот Рикиќ, кој реализираше 21 поен и осум скока.

Се вчитува...