Нема шега со Пелистер – потпис и со Стојан Ѓуроски

Пелистер дефинитивно ќе влезе со шампионски амбиции во новата сезона, откако битолчани продолжија со ангажман на квалитетни домашни кошаркари во последните денови. Долгогодишниот македонски репрезентативец Стојан Ѓуроски е нов член на Пелистер откако ги договори условите за едногодишна соработка, пред се благодарение на тренерот Марјан Илиевски, за кого Ѓуроски настапуваше во Блокотехна пред да ја почне својата интернационална кариера.

Крилниот кошаркар по Блокотехна настапуваше во вторите лиги на Шпанија и на Франција, па иако имаше понуди за останување во овие земји, тој се реши да се врати назад во мак-баскетот, прифаќајќи ја понудата на Пелистер.

За потсетување, „зелено-белите“ пред неколку дена потпишаа договор со искусниот плејмејкер Димитар Караџовски, а нешто претходно нов член на Пелистер стана и репрезентативниот центар Љубомир Младеновски, кој поради повреда не настапува за националниот тим во овој претквалификациски циклус. Нови членови на Пелистер од летово се и плејмејкерот Младеновиќ, кој има настапувано заедно со Ѓуроски во Блокотехна под водство на Илиевски, како и Американецот Чиз.

Во однос на ланскиот ростер, во тимот останаа македонските репрезентативци Бојан Трајковски и Бобан Стајиќ, како и центарот Кесар, кој беше најдобар играч на Пелистер минатата сезона.

Се вчитува...