Милан загуби уште еден натпревар по кошмарните четири минути во Торино, по што италијанските медиуми веќе го отпишаа Марко Џампаоло почнувајќи со шпекулации околу неговиот наследник на клупата на „росонерите“. Се шпекулираше со враќање на Гатузо, како и со ангажман на Спалети или Алегри, но последните информации велат дека Џампаоло нема да добие отказ во блиска иднина.
Семејството Елиот, кое раководи со италијанскиот гигант, и во текот на ланската сезона во слична ситуација му искажа доверба на Џенаро Гатузо, а сега истото ќе го повтори и со Џампаоло. Добро упатени извори тврдат дека до тренерот воопшто не е упатен ултиматум и доколку не дојде до посериозен „потрес“ (убедлив пораз во следните неколку средби), Џампаоло ќе остане уште најмалку еден месец на „Сан Сиро“.
Покрај американските газди, истиот став го делат и директорите Бобан и Малдини, кои сакаат да му дадат на тренерот доволно време за да ги пренесе своите идеи врз екипата. Сепак, многу важно ќе биде „росонерите“ да се претстават во добро светло на неделниот домашен меч со Фиорентина, за да не се случи бесот на навивачите да влијае и врз тавовите на управата. Наредниот викенд, „росонерите“ на 5 октомври ќе му гостуваат на Горан Пандев во Џенова, а по репрезентативната пауза следат домашниот меч со Лече, па гостувањето во Рим против Рома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА