Нема вода во „Градски парк“, Работнички три дена не тренира

Состојбата во КК Работнички никако не успева да се стабилизира откако тренерот Марин Докузовски и кошаркарите се соочија со сосема неочекуван проблем – во салата „Градски парк“ веќе десетина дена нема вода. Играчите и стручниот штаб тренирале неколку дена, но откако проблемот не бил разрешен, кошаркарите воопшто на тренираат во изминатите три дена.

Станува збор за долг што е наталожен со години наназад, за кој раководството на Работнички се жалеше откако пред неколку сезони водата им беше исклучена непосредно пред големото дерби со МЗТ Скопје. Тогаш долгот беше репрограмиран, но трофејниот кошаркарски колектив очигледно не ги плаќал договорените рати, па сега салата „Градски парк“ повторно остана без вода.

Ситуацијата е катастрофална, се шири многу лоша миризба. Во таа сала тренираат и деца од младинската школа, нешто мора да се преземе“ – порачуваат дел од загрижените во КК Работнички.

На потег е управата, која е премногу пасивна и кога станува збор за договарање на засилувања во пресрет на Супер-лигата, а во меѓувреме мора да најде решение и за овој огромен проблем. Работнички задутре треба да го пречека тимот на Фени индустри, меч кој би можел дури и да се одигра во друга сала доколку не биде разрешен проблемот со водата во „Градски парк“.

Се вчитува...