Немања Матиќ: Мурињо е најдобриот тренер во светот

Новото засилување на Манчестер јунајтед Немања Матиќ, во своето прво интервју за клубот истакна неколку причини зошто токму Јунајтед е тимот каде одлучи да ја продолжи кариерата. Несомнено се работи за еден од најконтроверзните трансфери во историјата на Премиер-лигата, земајќи во предвид дека Србинот го напушти Челси за директен ривал за титулата. Сепак, не побуди негативни реакции кај навивачите на клубот од Лондон, бидејќи сметаат дека Челси напради добра зделка при продажбата.

„Среќен сум што ќе играм за еден од најголемите клубови во светот. Мило ми е што ќе бидам дел од овој проект, со нетрпение чекам да започне сезоната и да работам со моите нови соиграчи. Јунајтед има квалитет да со бори на повеќе фронтови, јасно е дека целта на клубот е да освојува што повеќе трофеи секоја сезона, а јас ќе дадам се’ од себе да го оствариме тоа. Летово пристигнаа Лукаку и Линделоф, двајца исклучително квалитетни фудбалери, што покажува колку големи амбиции има овој клуб. Имам неколку пријатели тука, межу нив ќе го истакнам Хуан Мата, бидејќи игравме заедно, мило ми е што повторно ќе бидеме соиграчи. Тука, на „Олд трафорд“ играше и еден од најдобрите српски фудбалери на сите времиња, Немања Видиќ, јас само се надевам дека ќе повторам неколку негови успеси. Тој е фудбалерот кој секогаше беше пример за мене. Знам дека навивачите на Јунајтед пееја негова песна, а со оглед на тоа дека до делиме истото име, може да ми ја пејат и мене, но само ако заслужувам“, истакна Матиќ.

Двократниот англиски шампион проговори и за можноста за повторно да соработува со Жозе Мурињо, менаџерот кој од секогаш имал огромно влијание врз неговиот развој во кариерата.

„Мурињо за мене е најдобриот тренер во светот. Не можев да ја одбијам шансата повторно да соработувам со него. Заедничките успеси од минатото покажуваат дека можеме истото да го повториме тука, бидејќи Жозе секогаш знаел да го истакне најдоброто од мене. Пресреќен сум што повторно ќе бидам под негово водство“, додаде 28-годишниот репрезентативец на Србија.

Матиќ не ја испушти можноста да го прокоментира спектаклот кој ни претстои во Скопје, дуелот против Реал Мадрид за трофејот од европскиот Суперкуп.

„Очекувам да биде вистински двобој на два европски гиганти. Целиот свет ќе го гледа спектаклот, а мене ми е мило што можеме да ги споредуваме нашите квалитети со нивните. Тие се европски шампиони, ќе биде исклучително тешка битка, но се надевам дека ќе завршиме како победници“, заврши Матиќ.

Се вчитува...