Ненад Димитријевиќ и Партизан ќе играат во Евролигата наредната сезона?

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ би можел да заигра во Евролигата во наредната сезона по најавите дека неговиот клуб Валенсија е главен фаворит за една од вајлд-картите што ќе бидат доделени во елитното европско натпреварување. Валенсија загуби во полуфиналето од Еврокупот, беше елиминирана во четвртфиналето од шпанскиот плејоф, но рејтингот што клубот го има заедно со богатиот буџет го прави тимот на Димитријевиќ фаворит во оваа трка.

Дури и доколку се реализираат најавите за настап на ЦСКА Москва, Евролигата ќе треба да ги испразни двете места кои им припаѓаа на екипите од Русија (Зенит и Уникс Казањ), а покрај Валенсија, главен фаворит за втората вајлд-карта е белградски Партизан.

Оваа информација веќе ја пренесоа неколку реномирани кошаркарски новинари ширум Европа, а на темата вчера говореше и српскиот спортски новинар Владимир Станковиќ.

„Она што го знам од одлично упатени извори е дека пред финалето на АБА-лигата, челниците на Евролигата сериозно ја разгледуваа опцијата да испратат покани за вајлд-карти до Партизан и до Валенсија. Она што прво треба да се утврди е дали руските тимови ќе играат во следната сезона, како што стојат работите тоа нема да се случи, па автоматски се појавуваат две испразнети места. Одлуката на крајот ја носат клубовите – акционери во Евролигата, но со добро образложен предлог, постоеше реална можност Белград да има два тима во наредната сезона. Е сега, не знам колку ќе влијае врз целиот процес она што се случуваше во финалните натпревари меѓу Партизан и Црвена Звезда, нешто што сигурно не им оди во прилог на „црно-белите“. Не велам дека тоа ќе пресуди, но јасно е дека во Евролигата се многу добро упатени за сите инциденти“, истакна Станковиќ во гостувањето на Н1 телевизија.

Се вчитува...