Ненад Димитријевиќ позитивен на Covid-19

Македонската репрезентација најверојатно ќе биде сериозно ослабена за претстојниот квалификациски турнир во Талин откако денеска беше потврдено дека Ненад Димитријевиќ е позитивен на коронавирус. Хувентуд уште на почетокот од оваа седмица објави дека има пет случаи на кошаркари позитивни на Covid-19, за денеска да биде потврдено дека македонскиот плејмејкер е еден од петмината кои ќе мора да заминат во самоизолација.

За целата ситуација се информирани и челниците на федерацијата, што секако е огромно разочарување за сите во ситуација кога Димитријевиќ требаше да биде предводник на националниот тим на турнирот во Талинига. Решението за самоизолација на плејмејкерот завршува на 20 ноември и тој теоретски би можел да игра во Естонија, но во ситуација кога две недели ќе биде надвор од тренажен процес јасно е дека ризикот од повреда би бил огромен, па огромни се шансите дека овој клучен играч нема да му биде на располагање на селекторот Тодоров.

Кормиларот на националниот тим ќе треба да донесе одлука кој од двајцата нови натурализирани Американци ќе настапат во Естонија, засега како сигурен адут делуваше центарот Вајли, но по новата ситуација со Димитријевиќ сега лесно може да се случи на националниот тим да му се приклучи плејмејкерот Аскија Букер.

Се вчитува...