Ненад Димитријевиќ се пријави на НБА-драфтот!

Ненад Димитријевиќ има солидна сезона во дресот на Хувентуд, поради што македонскиот плејмејкер се реши за храбар потег, пријавувајќи се на НБА-драфтот. Денеска беа објавени имињата на сите европски кошаркари кои решиле да се пријават на драфтот, а меѓу нив се најде и Димитријевиќ, кој е најперспективниот македонски играч во моментов.

Со оглед на силната конкуренција не само од Европа туку и од американските училишта, јасно е дека Македонецот речиси сигурно нема да се најде меѓу „избраните среќници“, но самото пријавување е со цел да се привлече вниманието, бидејќи клубовите потоа ги следат настапите на младите играчи кои поседуваат потенцијал еден ден да заиграат во НБА. Димитријевиќ сезонава му е резерва на Лапровитола во Хувентуд, но се очекува Аргентинецот летово да биде продаден, по што македонскиот плејмејкер би ја добил улогата на главен организатор на играта на тимот од Бадалона за наредната натпреварувачка сезона, шанса да блесне и да се докаже на големата сцена.

Ненад Димитријевиќ поради конфликт со раководството на МКФ не настапува за националниот тим, проблем што за доброто на сите треба што поскоро да се разреши, за плејмејкерот на Хувентуд да почне со редовни настапи за сениорската репрезентација.

НБА-драфтот ќе се одржи на 20 јуни во Бруклин.

Се вчитува...