Ненадиќ: Секогаш е фантастично да се игра пред ваква публика

Стратегот на Веспрем, Давид, Дејвис, не го криеше задоволството што неговиот тим стигна до цел плен на тешкото гостување во Скопје, продолжувајќи го атакот на највисок пласман во групата.

„Овој натпревар беше компликуван за нас, беше тешко да се подготвиме поради повредените играчи на Вардар. Сепак, бевме фокусирани и успеавме да победиме убедливо, поради што сум многу среќен. Нашата група е многу тешка и израмнета, затоа секој бод е многу важен“ – истакна Дејвис на прес-конференцијата по натпреварот.

Петар Ненадиќ беше вистински кошмар за „вардарци“, а српскиот ас по мечот му посака многу среќа на македонскиот првак во натамошниот дел од сезоната во ЛШ.

„Одигравме фантастичен натпревар, бидејќи само со таква игра може овде да се победи. Секогаш е фантастично да се игра во ваква атмосфера, не можам да бидам целосно среќен бидејќи имаме повреден играч. Како и да е, му посакувам на Вардар многу среќа во наредниот период, и ние го очекуваме со нетрпение февруари, месец кој ќе биде многу важен за нас“ – истакна српскиот интернационалец во таборот на Веспрем.

Се вчитува...