Нено Димитријевиќ дел од СПЕКТАКЛОТ во чест на ДРАЖЕН ПЕТРОВИЌ за кој уште долго ќе се раскажува (ФОТОГАЛЕРИЈА/ ВИДЕО)

Загреб вечерва уживаше во кошаркарски спектакл за кој долго ќе се прикажува во спортскиот свет. Вистински спектакуларен меморијален натпревар во чест на легендарниот Дражен Петровиќ кој прерано го заврши својот живот.

Со меморијалниот меч меѓу „Тимот на Дражен“ и селекцијата на Хрватска кој на крај заврши со победа на „Тимот на Дражен“ од 110-107 бројни актуелни и поранешни кошаркарски ѕвезди се потсетија на легендарниот Дражен.

А, на спектаклот и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој беше дел од „Тимот на Дражен“ предводен од Жељко Обрадовиќ и Невен Спахија од клупата, а заедно со Ларкин, Џанан Муса, Обст, Вања Маринковиќ, Јака Блажиќ, Шенгелија, Таварес, Матијас Лесорт, Бобан Марјановиќ… На спротивната страна во селекцијата на Хрватска играше и Марио Хезоња.

Иако е најмалку важно, токму Хезоња беше најефикасен на ревијата со 36 поени, а во победничкиот тим предвдеше Муса со 19 поени. Лесорт постигна 13 поени, а македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ заврши со 9 постигнати поени.

ВО ЕДЕН МОМЕНТ НА ПРИСУТНИТЕ ИМ СЕ ОБРАТИ И ХОЛОГРАМ НА ДРАЖЕН ПЕТРОВИЌ

Спектаклот го збогатија соиграчите на Дражен од репрезентацијата на поранешна Југославија, предводени од неговиот брат Аца Петровиќ, а меѓу присутните гости и Владе Дивац, Тони Кукоч, Предраг Даниловиќ, Жарко Паспаљ, Дино Раџа…, сите тие дополнети и со Светислав Пешиќ, Ергин Атаман, Александар Џикиќ, Хорхе Гарбахоса. И сите тие со овации пречекани од публиката во Загреб.

Беа присутни и НБА ѕвездите Лука Дончиќ, Горан Драгиќ и Бојан Богдановиќ, сите од ние не криејќи дека се свесни дека кошаркарски се многу далеку од нивниот идол од детството – Дражен кој на сите и тоа како им недостасува. Сигурно многу и на светската кошарка!

 

Се вчитува...