Нешто чудно се случува со Ефес во Евролигата

На европскиот првак Анадолу Ефес му се заканува да не обезбеди пласман во четвртфиналето од Евролигата откако резултатската криза се продлабочи со денешниот пораз на гостувањето против Басконија, по продолжение од 114-111. Ефес имаше двоцифрена предност кон средината на последната четвртина, но шпанскиот состав со серија прецизни тројки се врати, го одведе мечот во дополнителни пет минути во кои стигна до победата. Костело беше најефикасен кај Басконија со 33 поени, а извонредна партија прикажа и Томпсон, реализирајќи 19 поени и 16 асистенции.

Ова беше трет пораз на Ефес во последните четири евролигашки рунди, со што актуелниот европски првак падна на десеттото место на табелата со скор 10-11, колку што имаат и Партизан и Црвена Звезда.

Олимпијакос ја оправда фаворитската улога против Макаби триумфирајќи со 95-89. Грчкиот гигант во голем дел од натпреварот имаше и двоцифрена предност, но гостите од Израел во самата завршница се спуштија на само шест поени негатива. Везенков беше одличен со 23 поени и девет скокови за Олимпијакос, а идентичен ефект на спротивната страна имаше центарот Соркин.

Баерн Минхен апсолутно заслужено славеше на домашен терен над Виртус Болоња со 91-84, меч на кој најефикасен во победничкиот тим беше Рубит со 18 поени.

Се вчитува...