Несторовски бесен: Ни го украдоа третото место

Илија Несторовски е бесен од расплетот на ситуацијата во истрагата против Палермо, откако сицилијанскиот клуб беше исфрлен во третата лига пред самиот крај на сезонава во која требаше да води битка за преку плејофот да влезе во елитното италијанско фудбалско друштво. Фудбалерите на Палермо едногласно реагираа зошто е одлуката донесена експресно, а нивното место во баражот доделено на Перуџа, без да се даде можност исходот да се измени со евентуална жалба. Токму тоа на денешната прес-конференција како капитен го потенцираше Нестор-гол.

„Разочарани сме, работевме напорно во една тешка сезона. Можевме да влеземе во Серија А, но ни го украдоа третото место и не ни дозволија да играме во баражот. Минатата година во слична ситуација се чекаше десет дена за жалбата на Бари, сега ни велат дека во јуни играле репрезентациите, а цела ланска сезона се играа средби без репрезентативците во Серија Б“ – истакна Несторовски.

Преселбата во третата лига ќе значи и дефинитивно заминување на најдобрите фудбалери на Палермо, меѓу нив и двајцата Македонци, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

„Сега не е момент да се разговара за тоа. Факт е дека имаме превисоки плати за тим од третата лига да може да си дозволи да ги плаќа, но ќе почекаме да видиме како ќе се одвива работата. Конечниот збор ќе го има управата“ – порача македонскиот голгетер во редовите на Палермо.

Се вчитува...