Несторовски: Дадов четири гола, време беше да ми признаат еден

Илија Несторовски конечно се израдува на првиот погодок во дресот на Удинезе во Калчо-лигата, отворајќи го резултатот на гостувањето против Сампдорија. Македонскиот ас немаше среќа откако на последните натпревари му беа поништувани погодоци во италијанското првенство, тоа се случи и во втората минута од дуелот со Сампдорија, но Нестор-гол конечно ја „скрши клетвата“ со прецизен удар од работ на шеснаесетникот.

„Конечно, по четири постигнати погодоци, време беше да ми признаат еден. Имав убави шанси, чудесни одбрани на голманите, погодени греди, а кога ќе погодев, ВАР ми ја кратеше радоста. Можам да кажам дека не бев нервозен, знаев дека ќе ми се укаже шанса и бев фокусиран само на тоа максимално да ја искористам кога ќе се најдам во добра ситуација“ – изјави Несторовски.

Останува тагата што и покрај голот на Македонецот, Удинезе прими два погодоци и го загуби мечот со 2-1.

„Голема штета е што загубивме, бидејќи водевме и го диктиравме темпото. Сампдорија не создаде шанса се до израмнувачкиот гол, а потоа добивме и црвен картон, по што ситуацијата се искомпликува. Сепак, немаме време за жалење, се насочуваме кон следниот дуел против Лацио“ – порачува Илија Несторовски.

Се вчитува...