Несторовски е на продажба, но Палермо ја чека вистинската понуда

Илија Несторовски ги почна подготовките со Палермо, ја доби и капитенската лента во клубот, а прикажува и одлични игри во дресот на сицилијанскиот тим на подготвителните натпревари. Тој изрази подготвеност да остане и да помогне Палермо експресно да се врати во Серија А, но претседателот Маурицио Зампарини има поинакви замисли кога станува збор за македонскиот ас.

Имено, првиот човек на Палермо е свесен дека финансиските проблеми на клубот можат да бидат решени само со продажба на дел од најдобрите фудбалери, а еден од оние кои ќе си заминат би требало да биде и Несторовски.

„Илија Несторовски не е „недопирлив“, тој е наш лидер, но и еден од оние фудбалери кои би можеле да си заминат летово. Се уште е тука бидејќи понудите што ги добивме не се на нивото што го очекуваме, но верувам дека ќе добиеме понуда каква што заслужува Несторовски со своите квалитети“ – изјави Зампарини за италијанските медиуми.

Ваквиот коментар на првиот човек на Палермо следи откако Фиорентина повторно ја активираше потрагата по нов голгетер, во ситуација кога Никола Калиниќ се наоѓа на чекор до преселба во Милан. Несторовски веќе извесно време се наоѓа на листата со желби на „виолетовите“, но останува да се види дали клубот од Фиренца е согласен да плати десет милиони евра, клку што Зампарини очекува да заработи од продажбата на македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...