Несторовски и Трајковски требаше да земат плата – полицијата заплени еден милион евра од Палермо

Александар Трајковски и Илија Несторовски се наоѓаат на излезна врата од Палермо по влошената финансиска состојба на сицилијанскиот клуб. Претседателот Зампарини гледаше спас во експресен камбек во елитата, а ситуацијата уште повеќе се влоши откако финансиската полиција денеска влезе во клупските простории и заплени 1,1 милион евра од сметката на Палермо.

Како што јавуваат италијанските медиуми, запленувањето било извршено на денот кога фудбалерите требале да ја добијат својата плата, со што уште повеќе се зголемува притисокот за Зампарини да се повлече од претседателската функција.

Првиот човек на Палермо ги разгледува понудите за Несторовски, но тие сега не ја надминуваат сумата од десет милиони евра како што тоа беше случај во јануарскиот преоден рок, со оглед на фактот дека клубовите се свесни дека сицилијанците ќе мораат да го продадат својот најдобар голгeтер поради големата финансиска криза.

Оние играчи кои ќе останат ќе бидат принудени да потпишат договори за помали плати, па токму затоа за заминување се подготвува и Александар Трајковски, за кого постои интерес од клубови од Италија и од Белгија, и кој исто така во текот на летово ќе ги промени клупските бои.

Се вчитува...