Несторовски: Јас сум си идол сам на себе

Илија Несторовски долго чекаше на првиот гол во дресот на Удинезе, а откако викендов стрелаше успешно против Сампдорија, македонскиот голгетер се најде во центарот на вниманието на италијанските медиуми. Во разговор за тиражниот весник „Газета дело спорт“ нашиот интернационалец говореше за стартот на авантурата во новиот клуб.

„Имаше натпревари на кои правев се за да постигнам гол, но топката не сакаше да влезе во мрежата. Ќе погодев дирек, голманот ќе одбранеше, а кога ќе дадев гол, ќе беше поништен од судијата. Конечно успеав, но многу ми е жал што не беше крунисано и со позитивен резултат против Сампдорија. Сепак, не се обесхрабруваме, ќе одиме на победа веќе на следниот натпревар против Лацио“ – истакна Несторовски.

Сите врвни голгетери имаат по некој идол чии стапки се обидуваат да ги следат, но тоа не е случај со Македонецот.

„Дали имам идол? Јас сум си идол сам на себе“ – порача македонскиот репрезентативец.

Тој пред себе си зацрта цел – да се обиде да стигне до десет погодоци во Калчо-лигата.

„Секој ден давам 100% од себе на секој тренинг, за да се изборам за првотимски статус. Желба ми е да стигнам до најмалку 10 гола сезонава, знам дека нема да ми биде лесно, но ќе сторам се за да го остварам тоа“ – открива Илија Несторовски во разговорот за тиражниот италијански весник.

Се вчитува...