ЕКИПА во Варшава,
Владимир Булатовиќ
Првиот напаѓач на македонската репрезентација Илија Несторовски вели дека победата во доминантна игра над Словенија донела дополнителен импулс во репрезентативните редови за позитивен резултат и на неделниот натпревар против Полска во Варшава.
„Во Полска не дојдовме со бело знаеме. Знаеме дека не чека голем ривал, тежок противник, но тука сме по бодови со желба да продолжи сонот за настап на Европското првенството. Од почетокот на квалификациите бевме убедени дека имаме група во која имаме шанси за пласман на ЕП. И срќени сме што пред финишот на квалификациите уште сме во трката“ – изјави Нестор-гол пред денешниот прв тренинг по пристигнувањето во главниот град на Полска.
Офанзивецот на италијански Удинезе нагласува дека останува борбата до последниот меч за некое од водечките позиции на табелата во Групата Г.
„На три кола до крајот сега се уште сме во сериозна игра за првите две позиции на табелата, и тоа дефинитивно е навистина позитивно од досегашниот тек на квалификациите. И да бидеме на третата позиција на табелата тоа би било најголем успех на македонска сениорска селекција во историја, затоа што мислам дека никогаш претходно Македонија не завршила на трето место во групата. Но, ние нема да застануваме тука. Нема да се задоволиме само со тоа, затоа што желбата е настап на ЕП кој би било најдобро да го обезбедиме преку овие квалификации. Ако не, потоа тука се финалните натпревари од Лигата на нациите следната година“ – истакнува Несторовски.
Натпреварот меѓу Полска и Македонија на Националниот стадион во Варшава се игра в недела (13. октомври) со почеток од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА