Несторовски: Секој ден ме продаваат, а јас сонувам само за една работа…

Палермо води жестока борба за враќање во „Серија А“, а нејзиниот исход во голема мера ќе зависи од Илија Несторовски. Македонскиот ас влезе во топ-форма во клучниот дел од сезоната, постигна значајни голови за сицилијанскиот клуб и повторно се најде во фокусот на италијанската јавност. Нестор-гол во разговор за тиражниот весник „Кориере дело спорт“ се осврна и на честите шпекулации за трансфер, кои воопшто не влијаат на неговата мотивираност да го врати Палермо онаму каде што припаѓа.

„Веќе се навикнав, секој ден ме продаваат некаде. Дури и ја загубив капитенската летна на еден ден бидејќи се веруваше дека трансферот ќе се комплетира, но пропадна во последен момент. Некој ќе беше лут, ќе протестираше, ќе одбиваше да тренира, но јас не сум таков. Работам напорно бидејќи сонувам само за една работа – да го вратам Палермо назад во „Серија А“. Тоа е она што ги влече напред сите во клубот, од директорот и тренерот до сите фудбалери. Среќен сум за секој гол што го давам, но уште посреќен бидејќи со нив помагам да дојдеме чекор поблиску до заедничката цел“ – истакнува Несторовски.

Палермо моментно се наоѓа на третото место на табелата, со еден бод заостанување зад второпласираниот Лече, но и натпревар помалку од овој тим. Во следното коло, на програмата утре, Несторовски и соиграчите ќе го пречекаат „фенерџијата“ на табелата, тимот на Падова.

Се вчитува...