Несторовски си оди од Сицилија, дилемата е Германија или „Серија А“

Илија Несторовски не успеа во својата желба – експресно да го врати Палермо назад во елитното италијанско фудбалско друштво откако силијанскиот клуб загуби со 2-0 од Фросиноне на клучниот натпревар од баражот за влез во „Серија А“. Македонскиот репрезентативец во изминатите дванаесет месеци одби неколку интересни понуди за да остане во Палермо, но како што стојат работите тоа повеќе нема да биде случај.

Сериозен интерес за Несторовски искажуваат Торино и Џенова, па Македонецот сега многу подетално ги разгледува добиените понуди, свесен дека е дојдено време за разделба од Палермо и нови настапи во италијанската елита. Опцијата Џенова е интересна за него и поради можноста на клупски план да заигра крај Горан Пандев, со кого има добра соработка во македонскиот национален тим. Ова не се единствените клубови што покажуваат интерес, Несторовски неодамна одбил и понуда од Кина, а сега се најавуваат и понуди од најмалку два германски прволигаши.

Македонскиот интернационалец не сака да брза со одлуката, но и самите челниците на Палермо сега се сериозни во намерата да го продадат. Откако тимот не успеа да влезе во „Серија А“ сега претседателот Зампарини мора да најде друг начин да ја покрие загубата од 25 милиони евра. Тој најави дека ќе мора да продаде дел од клучните играчи, меѓу кои сигурно се наоѓа и Несторовски, играч од чија продажба Палермо планира да заработи најмалку десет милиони евра.

Се вчитува...