Несторовски стартер за Удинезе, нова радост за Интер

Илија Несторовски за првпат сезонава се појави во стартниот тим на Удинезе, но македонскиот репрезентативец нема по добро да го памети ова деби откако неговата екипа загуби на домашен терен со 1-3 од Парма. „Фриулијаните“ поведоа со 1-0 и промашија двоен зицер во првото полувреме, по што гостите постигнаа три гола и приредија големо изненадување. Несторовски остана на теренот до 70. минута, кога беше заменет со Теодорчик при резултат 1-2.

Интер остана со максимален ефект и по второто коло откако избраниците на Антонио Конте вечерва триумфираа на жешкиот терен на Сардинија со 1-2. Лаутаро Мартинез со прецизен удар со глава го доведе Интер во водство, на 1-1 израмни Жоао Педро, а голот за победа беше дело на Лукаку од пенал, откако Сенси беше соборен во противничкиот шеснаесетник.

Џенова славеше со 2-1 во пресметката со Фиорентина благодарение на погодоците на Запата и на Куаме. Горан Пандев влезе во игра во 84. минута и помогна неговиот тим да ја задржи предноста во самиот финиш од мечот.

Резултати Италија:

Лацио – Рома 1-1, Аталанта – Торино 2-3, Калјари – Интер 1-2, Џенова – Фиорентина 2-1, Сасуоло – Сампдорија 4-1, Удинезе – Парма 1-3.

Се вчитува...