Неверојатен „кам-бек“ на Партизан: Од -10 до продолжение, па триумф над Панатинаикос (ВИДЕО)

Кошаркарите на Партизан очигледно не можат без драма сезонава во Евролигата. Во 11. коло црно-белите триумфираа против Панатинаикос по продолжението со 92-87, и покрај тоа што на четири минути до крајот во последната четвртина од регуларниот дел имаа негатива и од 10 поени пред Грците. Но, со неверојатен кам-бек успеаја да се изборат за продолжение а потоа и за победа против грчкиот тим. Петта во единаесеттиот натпревар сезонава за белграѓани.

Првото полувреме мина комплетно израмнето резултатски па на паузата избраниците на Жељко Обрадовиќ заминаа со предност од само еден поени, 38-37.

Но, играта на Партизан се „распадна“ во првиот дел од последната четвртина, па Панатиниакос на четири минути пред крајот имаше и десет поени разлика (63-73). Но, црно-белите не планираа предвремено предавање па со цврста одбрана во континуитет успеаја да дојдат до 76-78 на една минута пред финишот.

Откако гостите промашија напад, на 34 секунди до крајот Кевин Пантер погоди два поени за 78-78, а откако потоа и двете екипи не реализираа се замина кон продолжение.

А во продолжението комплетно враќање на Партизан за конечна победа од 92-87.

Ледеј ги предводеше белграѓани до победата со 23 поени и пет скока, Доужер беше одличен во клучните моменти со 16 поени, а Кевин Пантер дополни со 13 поени. Кај Панатинаикос се издвои Кендрик Нан со 19 поени и пет скока.

Се вчитува...