Пред околу две недели, фотографии од билети за реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Интер и Барселона ги преплавија социјалните мрежи, притоа со направена паралела меѓу претходната пресметка од дуелот на овие два тима во 2010 година и вечерашната на стадионот „Џузепе Меаца“. Пред 15 години, најевтиниот билет за полуфинален натпревар беше 22 евра, а сега е дури 120 евра, што е зголемување од околу 550%.
Се чини дека веќе фудбалот во Европа им е „одземен на сиромашните“, па, се чини, токму поради тоа Интер го сруши италијанскиот рекорд за приходи од продажба на билети за еден натпревар. Само од денешниот реванш дуел со Барселона, од продадени билети, собра 14 милиони евра. Ова значи дека, на пример, само од заработката за натпреварот против Барселона, трикратниот европски шампион ќе може да ја покрие речиси целата годишна плата на најплатениот играч во тимот, Лаутаро Мартинез, која е околу 16 милиони евра бруто (од кои за Аргентинецот се нешто повеќе од 9 милиони евра, а остатокот за даноци за италијанската држава).
Стадионот секако беше распродаден, немаше шанси да не биде распродаден со оглед на огромната побарувачка за билети за овој натпревар. Присутните 75.000 навивачи ќе бидат протагонисти на еден ден кој е историски на свој начин, бидејќи ќе биде поставен рекорд на сите времиња за приходи, највисоката бројка некогаш забележана на натпревар на италијански клуб. Заработката од 14 милиони евра, го сруши претходниот рекорд од 12,5 милони евра евидентирани за полуфиналето на Лигата на шампионите пред две години, и дербито против Милан. Тоа е втората двоцифрена милионска заработка на клубот оваа сезона, по оние 10 милиони евра во четвртфиналето со Баерн.
Вечерва, 75.000 луѓе ќе создадат значаен оптички ефект на почетокот на натпреварот: планирана е кореографија што ќе го опфати целиот стадион, 360 степени, на сите три прстени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА