Неверојатниот Флик – освојува трофеј со Баерн на секои 12 натпревари

Левандовски постигна најмногу голови, Коман беше херој во финалето, Нојер брани извонредно на последните средби, но најзаслужен за оваа европска круна на Баерн без конкуренција е тренерот Ханси Флик. Да не се заборави дека истиот овој играчки состав делуваше бледо во Бундес-лигата, поради што Нико Ковач доби отказ од тренерската функција, откако ја загуби поддршката од клучните играчи во тимот.

Баварците решија да се коцкаат, па покрај неколкуте врвни имиња со кои преговараа на крајот решија да го донесат за тренер Флик, поранешниот фудбалер на Баерн (од 1985 до 1990 година), кој има загубено и едно европско финале со овој клуб, против Порто во 1987 година. Психологијата е главна одлика во работата на овој стручњак, кој наоѓа начин да го извлече максимумот од секој фудбалер, ставајќи го во служба на колективот.

Резултатите се неверојатни, Баерн одигра 35 средби со Флик како прв тренер, бележејќи 32 победи и освојувајќи три трофеи, за неверојатен просек од нешто помалку од 12 натпревари за секој освоен трофеј на овој стручњак.

Ханси Флик во април потпиша нов тригодишен договор со Баерн, а со ваков пристап и меѓусебен однос меѓу тренерот и фудбалерите, за очекување е доминацијата на баварскиот гигант да продолжи.

Се вчитува...