Неверојатниот Хачанов го урна големиот Ѓоковиќ во финалето во Париз

Карен Хачанов е првиот Русин по пауза од 12 години со титула на Мастерсот во Париз. Тој за најголемиот успех во кариерата, првиот трофеј од турнир од ова ниво го победи големиот фаворит и лидер на АТП листата, Новак Ѓоковиќ со 2-0 во сетови.

Благодарение на одличната игра, но користејќи го и очигледниот замор кај Ѓоковиќ по вчерашниот исцрпувачки полуфинален дуел со Федерер, младиот Русин не му дозволи ниту еден сет на противникот.

Во првиот сет, Хачанов се врати од негатива од 3-1 во гемови, освои 10 поени по ред и успеа да го сврти текот на сетот. Нов брејк направи во 11. гем и дојде до сервис за успех во првиот сет, ја искористи шансата и поведе со 1-0.

Во вториот сет, Хачанов уште полесно доаѓаше до поени на сервисот на Ѓоковиќ, направи брејк во третиот гем и потоа до крајот на сетот ги одбрани сите свои сервиси, сетот му припадна со 6-4.

Ова беше само втор меѓусебен дуел на овие двајца тенисери. Првиот беше годинава на Вимблдон, а Ѓоковиќ славеше лесно во три сета.

За Ѓоковиќ заврши победничката серија по 22 дуела, а прекина и традицијата победи во финалињата на турнирот во Париз. Тој досега има четири титули од овој Мастерс.

Со освоената титула, Хачанов ќе дојде на најдобриот пласман на АТП листата веќе утре, ќе биде на 11 место. Ѓоковиќ пак ќе биде новиот лидер на ранкингот и ќе ја почне 224. недела во кариерата како најдобар во светот. Следен предизвик на Србинот е финалето на сезоната во Лондон, Хачанов чека шанса како еден од резервите.

 

 

 

 

 

Се вчитува...