Неверојатниот Ландин ја водеше Данска до победа над Египет

Данска го совлада Египет со 32-27 во натпревар од 2. коло во Б групата на олимпискиот ракометен турнир во Токио.

Разликата на мечот ја направија голманите т.е Никлас Ландин кој беше одличен на голот на Данците со 15 одбрани, за разлика од египетскиот двоец кој на крај заврши со пет собрани одбрани.

„Фараоните“ одиграа одлично во првиот дел и на полувреме заминаа со предност од 15-14. Сепак, актуелниот олимписки и светски шампион одигра далеку подобро во вториот дел и на крајот успеа да стигне и до втората победа на турнирот, откако претходно го декласираше домаќинот Јапонија.

Хансен со девет гола и Гидсел со еден помалку беа први имиња во таборот на Данска, додека кај Египќаните шест постигна Ахмед Мохамед.

Претходно денеска фаворитските улоги ги оправдаа Франција и Германија во мечевите против Бразил и Аргентина. Французите стигнаа до вториот триумф на олимпискиот турнир совладувајќи го Бразил со 34-29, додека Германија по поразот од Шпанија на стартот ја оствари првата победа против Аргентина со убедливи 33-25.

Се вчитува...