Неверојатно: Баерн прокоцка „плус 20“, Нено остана без титула за збогум

Алба е новиот шампион во кошаркарската Бундес-лига откако берлинскиот тим славеше на гостувањето во мајсторката против Баерн Минхен со реезултат 81-84. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ сакаше со шампионска титула да се збогува од Баерн (дојден е на позајмица од Зенит што истекува на крајот од сезонава), но желбата не му се исполни, и тоа повторно поради катастрофалното второ полувреме како што тоа беше случај на четвртиот меч што Баерн го загуби на гостински терен.

Првото полувреме претставуваше кошаркарска перфекција на избраниците на Светислав Пешиќ, кои предводени од Обст имаа предност од огромни 20 поени предност (47-27). Алба почна да се враќа, дојде на „минус шест“, по што Димитријевиќ постигна четири поени во низа. Пешиќ потоа го повлече Македонецот од игра, а Алба го искористи тоа за целосно да се врати во натпреварот.

Нашиот репрезентативец потоа се врати, но беше надвор од посакуваниот ритам, како и целиот тим на Баерн кој се мачеше како во нападот, така и во одбраната. Гостите од Берлин го добија второто полувреме со неверојатни 34-57 и стигнаа до титулата, за неславен крај на тренерската кариера на Светислав Пешиќ кој веќе објави дека овој ангажман во Баерн е последен за него.

Ненад Димитријевиќ го заврши својот последен меч во дресот на Баерн со шест поени, два скока и четири асистенции.

Димитријевиќ по завршувањето на позајмицата треба да се врати во Зенит, но извесно е дека тој нема да остане во рускиот клуб. Арис предводен од Василис Спанулис важи за лидер во трката по најдобриот македонски кошаркар, чија иднина се очекува да биде појасна во наредните денови.

Се вчитува...