Невиден гаф: Кјелини останал на клупата поради очилата на Манчини

Роберто Манчини призна дека Џорџо Кјелини требало да биде капитен на Италија на синоќешниот дуел против БиХ, на кој „аѕурите“ неочекувано „кикснаа“ ремизирајќи 1-1. Ветеранот на Јуве беше најавен како сигурен стартер, а потоа неочекувано дуелот го почна на клупата за резерви, а објаснувањето е неверојатно – станува збор за „техничка грешка“ што селекторот Манчини не ја забележал, бидејќи дома ги заборавил очилата за читање.

„Тоа е моја грешка. Кјелини требаше да стартува, а потоа ми ја покажаа листата од единаесетмина фудбалери, јас ги имав заборавено очилата за читање. Мислев дека на списокот се оние кои ги имавме договорено и го одобрив истиот, па предоцна забележавме дека станува збор за пропуст“, истакна Манчини, додавајќи дека Кјелини сигурно ќе стартува на наредниот дуел од Лигата на Нации, против селекцијата на Холандија.

Местото на Кјелини му припадна на Ачерби. Италијанците имаа можност да направат измена пред мечот, но тогаш ќе мораа да пријават дека Ачерби се повредил при загревање и асот на Лацио ќе требаше да се пресели на трибините, поради што стручниот штаб сепак реши да го остави Кјелини на клупата.

Се вчитува...