Борусија Дортмунд ја забележа и втората победа од стартот на бундеслигашката сезона откако „милионерите“ вечерва славеа на незгодното гостување во Фрајбург со 1-3. Триумфот навидум е убедлив, но мора да се истакне дека е и многу среќен ако се знае дека Фрајбург до 77. минута имаше предност од 1-0.
При ова водство домаќините имаа и неколку стопроцентни шанси што не ги искористија, за казната да стигне на спротивната страна. Младиот 18-годишен Бино-Гитенс кој влезе во игра во второто полувреме се обиде со навидум безопасен шут од дваесетина метри, топката одеше директно кон голманот Флекен, кој со катастрофална реакција дозволи таа да му мине низ рацете и да заврши во мрежата.
Дотогаш заспаните „милионери“ одеднаш се разбудија, па со фуриозна игра во последните десет минути стигнаа и до победата. Водечкиот гол беше дело на уште еден тинејџер, 17-годишниот Мукоко одлично се снајде во шеснаесетникот и го матираше шокираниот Флекен, пред конечните 1-3 да ги постави Волф во 88. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА