Невиден малер – Заниоло со нова повреда на коленото

Италија прескапо ја плати победата над Холандија во Амстердам, по тешката повреда што ја заработи Николо Заниоло. Младата „ѕвезда“ на Рома неодамна се врати на терените по кинење на лигаментите во јануари годинава, а на синоќешниот дуел во Амстердам доби шанса од првата минута од селекторот Манчини.

Дуелот со „лалињата“ се покажа кобен бидејќи тој повторно заработи тешка повреда на коленото. Заниоло со солзи во очите го напушти теренот, а италијанската јавност со нетрпение ќе ги очекува резултатите од денешните детални лекарски прегледи врз големиот талент.

„На прв поглед е јасно дека станува збор за сериозно истегнување на коленото. За да се увиди дали е кинење на лигаментите ќе треба да се видат детални прегледи, тешко е да се спореди со другото колено бидејќи и врз него неодамна бил извршен хируршки зафат. Заниоло со право е загрижен бидејќи неодамна се врати по долга пауза од терените, и ние сме загрижени за него“, изјави лекарот на италијанската репрезентација, Андреа Ферети.

Се вчитува...