Невидена драма: Атлетико со смешен автогол од 30 метри до реми против Вилјареал

Атлетико и Вилјареал одиграа 2-2 во последниот натпревар на денешната програма во Ла Лига, осход од кој шпанскиот првак мора да биде пресреќен по освоениот бод со автогол на противникот во последните секунди од мечот. „Жолтата“ подморница уште долго ќе жали за загубените два бода по автоголот што од триесетина метри си го постигна дефанзивецот Манди, по огромниот „кикс“ на голманот Рули.

Атлетико одигра импресивно прво полувреме во кое домаќините беа фантастични во се, освен во реализацијата на шансите. Томас Лемар го погоди дирекот, а Атлетико имаше и две ситуации кога гостинските дефанзивци со интервенции пред самата гол-лиија спречија сигурни голови.

Казната стигна на почетокот од вториот дел, кога Вилјареал својата прва шанса ја претвори во гол, со погодокот што од петнаесетина метри го постигна Тригерос. Атлетико успеа да израмни преку Луис Суарез, но наместо пресврт, следеше нов шок за домашните фанови на „Ванда Метрополитано“, откако по една грешка на Савиќ и Хименез топката стигна до Данјума, кој рутински го совлада Јан Облак.

И кога се чинеше дека Вилјареал ќе стигне до цел плен, шок за гостите откако дотогаш фантастичниот Манди од триесетина метри ја врати топката кон голманот, кој неочекувано беше истрчан, па се лизна и таа заврши во неговата мрежа.

Се вчитува...