Невидена драма: МЗТ беше на работ на амбисот, Олуџоби го одведе во полуфинале

Дополнителни пет минути им беа потребни на МЗТ Скопје и Куманово во „мајсторката“ на четвртфинлната серија по која актуелниот шампион ја продолжува битката за титула откако славеше со 94-93. Аеродромци беа на работ на елиминација откако на 2:45 до крајот на средбата имаа негатива од десет поени, но во своите редови го имаа Феми Олубоџи. Американецот нанижа седум поени до крајот на регуларниот дел од натпреварот за изедначување, а одличниот моментум продолжи и во продолжението во кој ги отпиша кумановци од денешниот меч.

МЗТ Скопје мотивирано ја започна средбата и веќе по пет минути игра имаше предност од 15-6. Куманово брзо ги консолидираше своите редови и возврати со добра игра на двете страни од паркетот и со серија од 13-0 стигна до водствто на крајот на првата четвртина (15-19). Изедначениот натпревар во кој двата тима имаа свои добри моменти продолжи и до крајот на полувремето, но ниеден тим не успеа да направи значајна разлика, а Куманово на полувремето замина со предност од 39-41. За жал крајот на првите 20 минути беа одбележани и со немил настан по кој три кошаркари беа исклучени од средбата.

Добриот ритам на натпреварот продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое двата тима беа расположени во шутот. МЗТ Скопје добро „стрелаше“ во рекетот, додека Куманово блесна во шутот за три поени со четири погодени обиди за 62-63 по 30. минути игра. На крилјата на Ливингстон и Црниќ гостите продолжија да ја диктираат играта и во поголемиот дел од последната четвртина, на две минути и 45 седунди пред крајот на средбата имаа и двоцифрена предност (71-81), но следеше фантастична серија на МЗТ Скопје и Олуџоби од 10-0 од кои седум постигна Американецот за изедначување и дополнителни пет минути.

Моментумот на Олуџоби продолжи и во дополнителните пет минути кои ги отвори со две тројки и положување за водство од 89-85 на МЗТ Скопје, а потоа при резултат 92-87, Американецот со офанзивен скок, а потоа и поени донесе предност од +7 (94-87) од која Куманово не успеа да се врати во мечот.

Со 32 поени и 9 скока од кои 6 во нападот, Феми Олубоџи беше убедливо најдобриот играч на МЗТ Скопје на овој меч. Него го следеше Хасани Гравет со дабл-дабл од 21 поен и 10 асистенции на кои додаде и 8 скока. Како двоцифрени натпреварот го завршија и Магдевски со 12 поени и Крстевски со 10 поени. Јован Црниќ ги предводеше гостите со 27 поени, Робев додаде 19 поени и 5 скока, додека Ливингстон натпреварот го заврши со 17 поени и 10 асистенции. Него го следеше Џекиќ со 16 поени и 9 скока.

Се вчитува...