Атлетската федерација на Македонија, сосема нетипично надвор од досегашното искуство, организира едно првенство во една возрасна конкуренција во два различни града во државава, реагираат незадоволни домашните атлетски клубови.
Пионерското првенство во атлетика ќе се одри во два различни дена и тоа во два различни града, што наиде на револт кај домашните клубови.
„Првенство во атлетика за пионери/ки во два града, во два различни дена, со Куманово во сабота од 09:00 часот и Велес во недела од 16:00 часот, можеби изгледа едноставно на хартија, но реалноста за клубовите надвор од Скопје е сосема друга, што веднаш не става како клуб во инфериорна ситуација. Затоа што треба два дена да патуваме низ државата, со деца, тренери и родители, со дополнителни трошоци и целосно непотребно оптоварување“ – реагираат од Атлетскиот клуб „Охрид трчат“ од Охрид, притоа дополнувајќи во својата реакција:
„Особено загрижува фактот што станува збор за деца и млади спортисти, повеќето на таа возраст се дел и од фрлачките и од скокачките и тркачките дисциплини кои сега се поделени во два града и во два дена. Причината за една ваква одлука на АФМ воопшто не не интересира, за тоа има кој да мисли, Атлетска Федерација на Македонија. Ние за младите спортисти мора да создадеме услови спортот да им биде задоволство и мотивација, а не дополнителен физички, психолошки и финансиски товар. Атлетско пионерско првенство треба да биде празник на македонската атлетска иднина и можност најдобрите да се натпреваруваат во фер и еднакви услови, а не дополнителен тест за издржливост на клубовите, родителите и посебно децата атлетичари. Навистина е време, иако од многу одамна е поминато, при носењето на вакви одлуки да се има повеќе разбирање за реалноста на клубовите, посебно од надворешноста, и малку повеќе почит кон оние за кои всушност се организираат натпреварите, децата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
