Никогаш не го отпишувајте „кралот“ – Реал Мадрид на „француски погон“ до финале во Белград

Реал Мадрид е вториот патник во финалето на овогодишното издание на Евролигата откако во полуфиналето славеше над Барселона со 83-86 во драматична завршница. Каталонците ја контролираа играта и имаа двоцифрена предноста на полувремето, но „кралот“ не се откажа. Уште во третиот дел го превзема водството, а на крилја на одличниот Поарие стигна и до голема победа на крајот.

Одбраната беше во прв план на отварањето на натпреварот па и покрај тоа што Реал Мадрид поведе со 2-8, Барселона до крајот на првата четвртина успеа да го најде својот ритам и да го изедначи резултатот (19-19). Неизвесниот меч продолжи и во поголемиот дел од првото полувреме, но финишот на истото им припадна на каталонците кои успеаја преку агресивната одбрана да стигнат до лесни поени во нападот, проработи и шутот за три поени за 45-34 по 20. минути игра.

На отварањето на второто полувреме Реал Мадрид одигра одлично во одбраната каде го примора противникот на тешки обиди, а и го затвори рекетот, доминираше во противничкиот па стигна до целосен пресврт и водство од 56-60 пред одлучувачката четвртина. Во истата двата тима брзо го исполнија бонусот, а по „пенал-серијата“ подобро се најде Барселона која полека ја топеше предноста, одолеа на новиот налет на Поарие и Козер па неизвесноста траеше до самиот финиш. Во неа минималната предност му носеше слободни фрлања на Реал Мадрид, а мечот беше одлучен на 2.3 секунди пред крајот по офанцизвниот скок на Јабусел. Последниот напад на средбата им припадна на кошаркарите на Барселона, но Миротиќ во очај се обиде од половина терен.

Французите Козер и Јабуселе го предводеа Реал Мадрид со по 18 поени, додека Миротиќ со дабл-дабл од 26 поени и 12 скока на кои додаде и 5 асистенции беше прво име кај Барселона.

За противник во големото финале Реал Мадрид ќе го има Ефес кој во првиот полуфинален натпревар славеше против Олимпијакос со тројката на Мициќ во последните секунди.

Се вчитува...