Никогаш не го отпишувајте шампионското срце

Да се победи Монпелје на гостински терен не е нималку лесно, но Вардар тоа го прави со години наназад, што е само уште една потврда за квалитетот, но пред се карактерот на македонскиот првак, она што ги прави „црвено-црните“ – страв и трепет за ривалите ширум ракометна Европа. И повторно како и лани дел од клучните играчи си заминаа, дојде и до тренерска смена, но неуништлив делува тимскиот дух што го краси тимот што стигна до две европски титули во последните три сезони.

Вардар е симбол за неуништливост

Французите имаа „плус два“ и напад, можеби помислија дека победата им е на дофат, но „вардарци“ имаа поинакви планови. Затоа што македонскиот шампион не бил еднаш на ваков испит, туку многу често во последните години, па Дибиров, Криштопанс, Шишкарев и останатите од „ученици“ станаа „учители“ во вакви ситуации.

Вардар стана симбол за неуништливост, ривал што не смее да се отпише никогаш, без оглед на моментната состојба на семафорот, бидејќи кога се вратија во она чудесно полуфинале во Келн против Барселона, ова денеска беше само лесна „домашна задача“ за „вардарци“.

Скубе, мал генијалец во игра со „џинови“

Кога е најтешко, одговорноста ја преземаат оние најголемите. Не по височина, туку по храброст и карактер, а тука број 1 дефинитивно е Сташ Скубе. Словенецот одигра перфектно, го почна завршниот пресврт со генијална асистенција до Калараш низ нозете на Петерсон, а потоа кога беше неопходно, ги зеде работите во свои раце и самиот постигна два исклучително важни погодоци. Осум гола од девет обиди, против ривал каков што е актуелниот вицепрвак на Франција, како најава дека Скубе заедно со Криштопанс ќе биде лидер на „црвено-црните’ во текот на целата сезона.

Врати се, Столе

Ако има позиција на која „вардарци“ делуваа „тенко“, тоа сигурно е пивотменската. Горпишин заврши 1/1, Калараш со 3/4, но очигледно е дека на Вардар му недостига Стоилов. Како квалитет, присуство крај самата линија, за блок, изнуден пенал, гол во вистински момент. Во тим со Скубе и „џин“ како Криштопанс на кого противниците секогаш излегуваат од зоната, врвен „пикер“ како Стоилов ќе знае како да се изнаигра. А со тоа и Калараш ќе остане одморен за да го врши она што најдобро знае – да биде столб на одбраната на „црвено-црните“.

Неизвесно е кога точно македонскиот репрезентативец ќе се врати, но кога тоа ќе се случи, Вардар сигурно ќе биде уште посилен… токму во клучниот дел од сезоната.

Се вчитува...