Реал Мадрид лесно и убедливо го совлада Еспањол со 4-0, триумф со кој „кралевите“ ја освоија шампионската титула во Ла Лига, вкупно 35. во клупската историја, со што Реал уште повеќе се зацврсти на врвот на листата најтрофејни клубови во Шпанија.
Иако не беше премногу активен на пазарот минатото лето, Реал имаше импресивна сезона во која доминираше на табелата од почеток до крај. Така, на четири кола до крајот „кралевите“ имаат дури 17 бода повеќе од Севилја (18 и меч повеќе од Барселона), на доминантен начин стигнувајќи до новата титула.
Триумфот над Еспањол беше сосема рутински, и тоа во ситуација кога Анчелоти реши да одмори повеќе од половина првотимци во пресрет на реваншот од Лигата на Шампионите против Манчестер Сити. Бразилецот Родриго го реши победникот со два гола уште во првото полувреме, на 3-0 во вториот дел зголеми Асенсио, додека конечните 4-0 во финишот од мечот ги постави Бензема, кој влезе во игра во второто полувреме и веднаш се запиша во листата на стрелците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА