Никој не заслужи да победи: А, Македонија загуби од Црна Гора (ВИДЕО/ ФОТО)

Во подпросечен пријателски натпревар, одигран на комплексот „Мардан“ во Анталија, во кој единствено може да се памети првото полувреме на македонската фудбалска селекција која беше подобра од противникот, на крај Македонија загуби со 0-1 од Црна Гора само поради едно невнимание во одбраната во последните секунди на првите 45 минути и голот на Стеван Јоветиќ.

А, со далеку подобро издание од дуелот против Молдавија, македонскиот состав аресивно го почна мечот со постојан висок пресинг, па сето тоа веќе во 12. минута резултираше со првата вистинска шанса на Елмас кој одлично шутираше од 20 метри, но одбрани противничкиот голман.

Македонија беше далеку подобра и во продолжението, наспроти Црногорците кои не успеваа да врзат „две топки“ и да излезат надвор од своите 30 метри. Па, во 19. минута следеше нов шут на Елмас за малку непрецизен, а потоа во продолжението во неколку наврати се закани Енис Барди кој имаше одличен шут од 25 метри во 26. минута. Следеше и шут од слободен удар за малку покрај левиот дирек од голот на Црна Гора на Барди, но сето тоа без реализација.

Па, кога не беа искористени шансите на македонскиот тим, Црногорците казнија во 45. минута буквално од првиот нивни директен шут кон голот на Димитриевски. По корнерот од десната страна, капитенот Јоветиќ со глава одлично реагираше за водство на Црна Гора од 1-0.

И, тоа беше буквално се од овој пријателски меч.

Во второто полувреме Македонија имаше само два шута од далечина на Трајковски и на Барди и тоа беше се. Големиот број измени во составот, како Милевски би имал можност да ги провери поголемиот број повикани репрезентативци, си го направи своето. Далеку понеквалитетно второ полувреме од кое немаше што да се види на двете страни, па Црногорците успеаја да си ја зачуваат предноста за конечна победа.

Македонија, на крајот, имаше посед на топка од 57% наспроти 43% на Црногорците. Имаше и 11 шута кон голот на противникот од кои четири во рамките на голот, наспроти Црна Гора која имаше само еден шут во рамките на голот. Но, победата, пак, за Црна Гора!

Македонија, подготовките во Анталија ги заврши со реми против Молдавија (1-1) и пораз од Црна Гора (0-1).

Се вчитува...