Кошаркарот на Црвена Звезда, Никола Калиниќ, е МВП на сезоната во АБА-лигата во гласањето во кое учествуваат тренерите (50% од бодувањето), спортските новинари (30% од вкупните бодови) и навивачите (20%).
Српскиот репрезентативец убедливо дојде до признанието, освојувајќи 39,7% од вкупните гласови, пред Јака Блажич од Цедевита Олимпија со 16,6% и Џастин Кобс од Будуќност со 10,9% од гласовите. Она што е интересно, Калиниќ победи во гласањето на тренерите, но кога станува збор за гласовите на новинарите и на навивачите беше на второ место.
Никола Калиниќ беше меѓу најзаслужните што Црвена Звезда го заврши регуларниот дел од сезоната на првото место на табелата, во просек бележејќи по 11,3 поени, 3,4 скокови и 3,3 асистенции по натпревар. Тој е прв кошаркар на Црвена Звезда што добива МВП признание во регионалното натпреварување по пауза од цели 14 години, откако тоа заврши во рацете на Тадија Драгичевиќ за сезоната 2007/2008.
Капитенот на Црвена Звезда, Бранко Лазиќ, беше избран за најдобар дефанзивец во лигата, Никола Јовиќ од Мега за најталентиран млад играч во АБА, додека најдобар тренер во регионалното натпреварување за сезоната 2021/22 е стратегот на Партизан, Жељко Обрадовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА