Николај Јакобсен ќе ја води Данска во квалификациите за ЕП 2018

Тренерот на Рајн Некар Левен, Николај Јакобсен, ќе ја предводи репрезентацијата на Данска во преостанатите четири натпревари од квалификациите за ЕП 2018 што се играат во мај. Иако Јакобсен требаше да го замени Исланѓанецот Гудмундур Гудмундсон на селекторската функција во јуни, селекторската смена ќе биде направена порано.

„Бевме во ситуација во која Гудмундсон веќе имаше одлучено да се повлече од тренерското место ова лето, но кога Јакобсен е во можност да ја започне својата работа уште сега, се согласивме новиот селектор да ја предводи репрезентацијата на претстојните квалификациски натпревари за ЕП 2018“ – изјави генералниот секретар на Данската ракометна федерација, Мортен Стиг Кристенсен.

Исланѓанецот ја остава данската репрезентација со титула олимписки шампион од Рио и со 13 победи во последните 14 натпревари или со вкупно 46 победи, 10 порази и 5 нерешени средби во вкупните 61 натпревар на кои беше на клупата.

„Мислам дека и за репрезентацијата и за мене е најдобро да заминам сега и да му оставам на Николај најдобри услови за подготовка на репрезентацијата. Јас ќе се посветам на мојата идна работа и на предизвиците што ме очекуваат. Им благодарам на играчите и на раководството за добрата соработка и за извонредното искуство што го имавме заедно, и им посакувам многу среќа во иднина“ – изјави досегашниот селектор на Данска, Гудмундур Гудмундсон.

Во квалификациите за ЕП 2018, Данска е во групата со Унгарија, Холандија и со Летонија. Во првите два меча Данците имаа две победи против Холандија и против Летонија и моментно се на првото место на табелата.

Се вчитува...