Николиќ пред Будуќност: МЗТ има болни и повредени, но ќе стиснеме заби за да го изненадиме фаворитот

Драган Николиќ нема премногу причини за задоволство по доаѓањето на кормилото на МЗТ Скопје, српскиот стратег претрпе три порази во низа, а во прилог не му оди ниту распоредот, ако се знае дека во следното коло македонскиот првак ќе го пречека црногорскиот гигант Будуќност.

Стратегот на „металците“ се пожали на проблеми со ростерот откако и Американецот Кук, кој требаше да биде големо засилување, се повреди на дуелот со белградски Партизан, но Николиќ е оптимист дека неговиот тим ќе покаже борбена игра во обид да го изненади фаворитот.

„Пред нас е уште еден тежок натпревар, против екипа зад која се одлични настапи во Еврокупот. Будуќност сезонава игра подобро на домашен терен, што не значи дека нема да даде се од себе за да го подобри скорот на гости. Предводени се од одличен тренер, кој веќе има освоено трофеј во АБА, а неодамна се засилија со двајца извонредни кошаркари. Ова не значи дека нема да се обидеме да го совладаме квалитетниот ривал, без разлика на ситуацијата во која се наоѓаме. Дуелот со Будуќност ни е трет оваа недела, откако по убедливиот пораз кај Партизан одлично изреагиравме во домашното првенство. Се соочуваме со повредени и болни играчи, но и покрај се ќе стиснеме заби и ќе пробаме да дојдеме до посакуваната цел. А за тоа, ќе ни биде потребна и голема помош од трибините, од нашите верни навивачи“, изјави Николиќ.

Се вчитува...