Николов го ‘легна’ Израел, Македонија заврши како трета во групата

Фудбалската репрезентација на Македонија го совлада израел со 1-0 ои го заокружи циклусот со пласман на третата позиција во групата, што е најдобар пласман во историјата за сениорскиот национален состав. Стрелец на победничкиот гол беше Бобан Николов во 45.минута од мечот. Ова е убава најава за полуфиналето во Лигата на нации, следната година и дуелот со Косово.

Барди и Елмас најавија канонада на голот на Израелците уште од самиот старт, а возврати Ели Даса во 16.минута, но Столе Димитриевски беше на вистинското место. Три минути подоцна, одлична акција на Елмас и на Барди, а завршниот удар на Костадинов не беше доволно прецизен.


Во 32.минута, Елиф Елмас зафати волеј удар по корнерот од десната страна, но израелскиот голман Ариел Харуш успеа да одбрани. Шест минути подоцна Барди од слободен удар ја погоди гредата, а Николов шутираше крај голот.

И конечно дојде водечкиот гол во 45.минута. По одбиената топка од израелскиот голман, Бобан Николов од прва налета на пеналтикот и ја спроведе во мрежата.


Во 50.минута, Начо ги загреа дланките на Столе Димитриевски, а четири минути подоцна повторно се закани Николов со удар од 20 метри, но за малку беше непрецизен.


Македонија успеа да го одржи водството до самиот крај, имаше шанса и за Несторовски, но не реализираше. На крајот, за првпат во едни квалификации, Македонија завршува како третопласирана селекција во групата, со 14 освоени бода.

Ова е одлична мотивација за плејофот во Лигата на нации и полуфиналната пресметка против Косово следната година.

МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 1-0 (1-0)
Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Паоло Валери (Италија). Стрелец. Николов 45’ (Македонија). Ж. картони: Барди, Николов (Македонија), Глазер, Саба, Меначем (Израел)

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски (72’ Зајков), Ристевски, Костадинов, Николов, Барди, Елмас, Пандев (79’ Аврамовски), Стојановски (60’ Несторовски).

ИЗРАЕЛ: Харуш, Даса (41’ Дгани), Глазер, Битон, Начо, Тиби, Меначем, Саба (68’ Вејсман), Елмкис (59’ Хазиза), Захави, Дабур.

 

Се вчитува...